Бош ќе укине 3.500 работни места до крајот на 2027 година

25

Германската индустриска компанија Бош планира да укине 3.500 работни места ширум светот до крајот на 2027 година, што ќе влијае на вработените во администрацијата на нејзината подружница BSH специјализирана за апарати за домаќинство.

– За да ја зачува својата конкурентност и да ги финансира потребните инвестиции, БСХ мора во голема мера да ги намали трошоците, особено имајќи ја предвид променливата состојба на пазарот и сè уште тешката економска состојба, се вели во соопштението на БСХ.

Производителот на машини за перење и кујнски апарати цели кон „индиректни“ работни места, односно надвор од производните линии, се наведува во соопштението и се додава дека годинава ќе бидат укинати 1.000 работни места.

БСХ, основана во 1967 година, произведува уреди од неколку брендови, вклучувајќи ги Бош и Сименс. Во моментов вработува повеќе од 60.000 луѓе ширум светот, вклучувајќи 17.000 во Германија.

Најавата е уште една лоша вест за германската индустрија, која се соочува со загрижувачка криза на конкурентноста што резултираше со пад на бруто домашниот производ (БДП) за 0,3 отсто минатата година.

Групацијата Бош, чија основна дејност е автомобилската индустрија каде што е светски лидер во производството на опрема, веќе најави отпуштања. Раководството на Бош во јануари соопшти дека ќе укине 1.200 работни места.

Групацијата, која вработува 427.600 луѓе ширум светот, очекува да има лоша година во 2024 година, особено поради пазарот на електрични автомобили, чија побарувачка не расте колку што се очекуваше.