Бран банкроти ја зафати Германија

Во декември, германските судови примиле дури 15,2 проценти повеќе барања од компании за поведување стечајна постапка отколку на крајот на 2024 година, покажаа прелиминарните податоци од германскиот завод за статистика Дестатис, пренесува Хина.

Во ноември, бројот на барања бил поголем за 5,7 проценти, а во октомври за 6,5 проценти.

Статистичарите потсетуваат дека пресметката ги вклучува само барањата за кои стечајниот суд веќе ја донел првата пресуда. Податоците за целата минатата година не се објавени.

Истражувачите од Институтот за економски истражувања „Лајбниц“ во Хале (IWH) неодамна проценија во анализа дека минатата година поднеле барање за стечај 17.604 компании, најмногу за 20 години.

Дури и за време на финансиската криза во 2009 година, бројката била за околу пет проценти помала, нагласува IWH.

Според толкувањето на експертите на институтот, компаниите пропаднале поради долгорочните последици од кризата со корона и политиката на каматни стапки, а германската економија го земала својот данок.

Компаниите обично поднесуваат барање приближно три месеци пред пресудата, а во октомври, според конечните резултати, судовите регистрирале 2.108 стечаи на правни лица, 4,8 проценти повеќе отколку во истиот месец од 2024 година.

Побарувањата на доверителите изнесуваа 2,6 милијарди евра, во споредба со 3,8 милијарди евра во октомври 2024 година, кога „неколку економски значајни компании“ поднесоа барање за стечај, објаснуваат статистичарите како се јавува разликата помеѓу поголемиот број на барања и помалиот износ.

Најголемиот број стечаи се регистрирани во октомври во секторите транспорт, складирање и угостителство, забележуваат статистичарите.