Брегзит предизвика пад на трговијата меѓу Европската унија и Велика Британија за речиси една петтина, со најголемо влијание врз стоките за ирскиот пазар, покажа истражувањето.
Ова доведе до „многу негативни влијанија“ врз трговијата во двете насоки, според Ирскиот институт за економски и социјални истражувања (ESRI), пренесува агенцијата Мина.
Трговската размена од Велика Британија кон ЕУ е намалена за 16 отсто, додека падот на трговијата од ЕУ кон Велика Британија е 20 отсто, во споредба со сценариото пред Брегзит, се наведува во анализата објавена од ЕСРИ.
Анализата ги разгледа податоците на ниво на производ за трговските текови за изминатата година, односно првата цела година од повлекувањето на Обединетото Кралство од ЕУ.
„Веруваме дека во сите земји-членки на ЕУ, Брегзит доведе до значителен пад на трговијата со Велика Британија во речиси сите случаи, иако во различни големини“, пишуваат авторите на анализата Јанез Крен и Мартина Лулес.











