Брегзит ги чини Британците 100 милијарди фунти годишно

59

Брегзит го чини Обединетото Кралство 100 милијарди фунти годишно (околу 124 милијарди долари) во изгубеното производство, велат експертите.

Експертите проценуваат дека британскиот БДП би бил четири отсто поголем доколку Обединетото Кралство останеше во ЕУ.

Ефектите од Брегзит опфаќаат сè, од деловни инвестиции до способност на компаниите да ангажираат работници, објави Блумберг по повод утрешната трета годишнина од излезот на Обединетото Кралство од ЕУ.

Како што се наведува, деловните инвестиции се послаби, а недостигот на работна сила е сè поакутен проблем.

Економистите Ана Андраде и Ден Хансон веруваат дека економијата е четири отсто помала отколку што би можела да биде, при што деловните инвестиции значително заостануваат, а недостигот од работници во ЕУ се зголемува.

– Дали Обединетото Кралство изврши чин на економско самоповредување кога гласаше за напуштање на ЕУ во 2016 година? Досегашните докази продолжуваат да сугерираат дека е така, изјавија Андраде и Хансон.

Тие исто така додаваат дека главниот заклучок е дека прекинот со единствениот пазар можеби се одразил на британската економија побрзо од очекуваното.

Податоците ги демантираат тврдењата на британскиот премиер Риши Сунак дека Брегзит е „огромна можност“ за Обединетото Кралство што почнува да се остварува, бидејќи прекинот на врските со ЕУ и овозможува на Британија да создаде слободни пристаништа за да ја поттикне трговијата и да ги реформира правилата за финансиски услуги во корист на банките во лондонски Сити.

Фото: Pixabay