Брегзит правила: Нема ЕУ, нема сендвич

80

Новите правила по Брегзитот стапија на сила, а на изненадените британски возачи овие денови на влегувањето во Европската унија холандската полиција им ги запленува сендвичите, објави во вторникот BBC.

На снимките од холандската телевизија кои ги емитуваа британскиот јавен сервис се гледа како граничната полиција им ги објаснува на возачите правилата за увоз воведени откако Велика Британија официјално ја напушти Европската унија.

Според тие правила, патниците кои влегуваат во ЕУ не може да внесуваат месо и млечни производи. Но, очигледно тоа ги збунило возачите.

“По Брегзит повеќе не можете во Европа да внесувате одредени видови храна, како што се месо, овошје, зеленчук, риба и такви продукти“, му вели холандски граничар на британски возач.

На снимката се гледа како полицаец го прашува возачот дали во пакуваниот сендвич има месо. Кога возачот потврдно одговара, полицаецот вели “Во ред, ќе ви го земеме“.

Изненадениот возач потоа прашува дали може барем да го задржи лебот на што полицаецот му вели “Не, сè ќе земеме“ и  додава “Добредојдовте во Брегзит, жал ми е“.

Велика Британија се одвои од ЕУ на 31-ви декември. Од 23 часот тој ден за нејзините граѓани и компании повеќе не важат правилата на ЕУ и на сила стапуваат за нови кои однесуваат на патувањата, трговијата, имиграциите и безбедносната соработка. Излегувањето на Битанија доведе и до големи промени за економиите, бидејќи сега станува збор за два одвоени пазари.