Бреинстер влегува и во формалното образование преку ново-акредитираниот Бреинстер Некст колеџ

15

Етаблираниот лидер во неформалното образование – Бреинстер, кој преку своите академии, курсеви и обуки во последниве 6 години успешно им помогна на над 10.000 лица да се дообразуваат и преквалификуваат, од денеска започнува ново поглавје во својата приказна.

Почнувајки од новата академска година, Бреинстер ќе ја пренесе својата експертиза и во доменот на формалното образование, преку воспоставувањето на нова високо-образовна институција – Бреинстер Некст колеџ.

Бреинстер Некст колеџот ќе понуди додипломски студии во доменот на најдинамичните и најбрзорастечките индустрии – информатичките и дигиталните технологии. Преку 3 годишните студии, идните студенти ќе се стекнат не само со диплома за завршено високо образование, туку и со вистинските вештини и знаења потребни за најбараните професии на денешницата, а и иднината.

Целта на воспоставување на овoј колеџ е премостување на јазот помеѓу тековното образование и актуелните и идните потреби на пазарот за труд.  Токму поради тоа, студиските програми се креирани во согласност со глобалните истражувања и проекции за работните места на иднината. Едукативниот процес ќе се одвива според интернационална методологија, преку високо-технолошки и дигитални алатки за примена на стекнатите вештини во текот на учењето.

Со пресликување на успешната приказна од неформалната едукација во високо-образовна институција, Бреинстер Некст ќе го претставува „најдоброто од два света“– спој од иновативен пристап, апликативен курикулум и претприемачки дух проткаен во академска средина која преку работа на реални проекти низ учењето ќе ги доближи студентите до професииите од иднината во нашата држава, а и во светот. Она што го бараат идните студенти на факултети во странство, овој колеџ ќе го донесе кај нас дома.

„Нашата мисија отсекогаш била да го трансформираме и подобриме образованието за да одговори на предизвиците на иднината. Тоа успешно почнавме да го правиме преку неформалното образование. Доказот за квалитетот и успехот на Бреинстер е во бројките – над 80% од студентите на академиите се вработени во компании кои се лидери во својата област. Сега, решивме да се доближиме до исполнување на нашата мисија со нова цел – да им овозможиме на младите апликативно и практично високо образование кое преку примена на глобално докажана методологија и во чекор со трендовите на индустријата ќе придонесе кон нивната подготвеност за сите предизвици на идните кариери. Ние го подобруваме образованието – за вие да го подобрите светот!” – вели Александар Клашниновски, извршен директор на Бреинстер Некст.