Брисел предложи такса од две евра за секоја мала пратка што влегува во ЕУ

Европската комисија  предложи воведување на такса од две евра за секој мал пакет што влегува во Европа, од кој огромното мнозинство доаѓа од Кина.

„Зборуваме за две евра по пакет, кои би ги платила платформата (која го испраќа пакетот)“, изјави европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ во Европскиот парламент во Брисел, пренесува Бета.

Според него, минатата година во ЕУ биле увезени околу 4,6 милијарди пакети.

Идејата е да се финансираат контролите, за кои се очекува да бидат зајакнати поради приливот на пакети со ниска вредност испратени од Азија, преку платформи како што се „Шеин“ или „Тему“. Тој зголемен прилив се очекува поради зголемените царини што САД сакаат да ги воведат, особено за мали пакети од Кина.

Мерката ја побара Франција, која на крајот на април предложи наплата на „такса“ за секој мал пакет што влегува во ЕУ.