Британците разочарани од Брегзит – сакаат референдум за влез во ЕУ

77

Речиси две третини од Британците сега поддржуваат референдум за повторно пристапување во Европската унија, две години по излегувањето на Велика Британија, пишува The Independent.

Британија формално ја напушти ЕУ на 31 јануари 2020 година, но ги следеше бриселските закони за време на „преодниот период“ и остана дел од единствениот пазар до 31 декември 2020 година.

Според истражувањето, Британците веруваат дека оттогаш се влоши економијата, глобалното влијание на Британија и нејзината способност да ги контролира сопствените граници. Се чини дека ова го зголеми бројот на луѓе кои сакаат иден референдум за членство.

Бројот на луѓе кои веруваат дека треба да се одржи уште едно гласање се искачи на 65 отсто, од 55 отсто во истиот период минатата година, иако тие се поделени во однос на времето.

Процентот на оние кои сметаат дека никогаш не треба да има нов референдум падна од 32 на 24 отсто, пишува Индипендент.

На првата годишнина од заминувањето на Велика Британија, 54 отсто сега велат дека Брегзит е погрешна одлука, што е повеќе од 46 отсто минатата година.

Не само што повеќето Британци веруваат дека Брегзит направи многу работи полоши, туку нивниот процент се зголеми во многу области во изминатата година. Вкупно 56 отсто сметаат дека сега излегувањето од ЕУ ја влошило економијата, наспроти 44 отсто.

Половина од Британците (50 отсто во споредба со 43 отсто претходно) веруваат дека тоа и наштетило на способноста на Велика Британија да ги контролира своите граници, што е клучно ветување за Брегзит, според Индипендент.

Понатаму, процентот на оние кои веруваат дека тоа му наштетило на глобалното влијание на Британија се зголеми на 50 од 39 отсто.