Британија под притисок да ги намали давачките за пиво

27

Повеќе од 100 членови на Конзервативната партија на Велика Британија го повикуваат министерот за финансии Риши Сунак да ги поддржи пабовите и индустријата за пиво во новиот буџет на земјата, пишува „Sky News“. За буџетот ќе се гласа следната недела.

Во писмото до министерот, претставниците на ториевците го повикаа да го задржи замрзнувањето на давачките за алкохол. И што е најважно – да се намалат истите за точеното пиво.

„Пониската давачка за пиво за продажба во пабови, клубови и барови ќе и даде огромен поттик на пивската индустрија да напредува и целосно да се опорави од КОВИД-19“, напишаа тие во отворено писмо до министерот за финансии пратеници.

Според нив, доколку нивното барање биде исполнето, тоа ќе ја докаже јасната посветеност на актуелната влада во поддршката за британскиот бизнис.

Кампањата за намалување на давачките за пиво на точење ја води пратеникот Ричард Холден, поддржан од поранешниот лидер на ториевците Сер Иан Данкан Смит и поранешните министри во кабинетот Алан Кернс и Карен Бредли, сè попопуларни и влијателни политичари. Тие признаваат дека замрзнувањето на давачките за алкохол би ја чинело државната каса загуба од околу 300 милиони фунти. Последователно, ова ќе доведе до повисоки даноци или повеќе државни заеми.

Сепак, пратениците велат дека тоа е „корисен компромис“ во име на поддршка на производителите на пиво, кои се суштински дел од британската економија.

„Пабовите се срцето и душата на британската заедница. Државната поддршка што им беше дадена преку грантови за време на пандемијата беше голема работа, но не може да се негира дека секторот е повеќе погоден од кој било друг“, рече пред британските медиуми поранешната министерка Карен Бредли.

Според неа и нejзините колеги, намалувањето на давачката на точеното пиво не само што финансиски ќе ги зајакне омилените пабови на Британците, туку и ќе има голем ефект врз руралните економии и вработувањето, особено кај младите во секторот.

Британската влада е под притисок да ги „преиспита“ сите други тарифи за алкохол. Моментално се замрзнати поради кризата, а повикот е така да остане и по воведувањето на новиот буџет.