Британија со 1 милијарда фунти дополнителна поддршка за бизнисите за време на пандемијата

94

Британија дополнително и бесплатно ќе го поддржи бизнисот најпогоден од пандемијата со 1 милијарда британски фунти, објавија локалните медиуми. Новата верзија на коронавирусот „омикрон“ го погодува услужниот сектор во земјава, но и многу други бизниси.

Министерот за финансии Риши Сунак рече дека е уверен дека мерките ќе им помогнат на стотици илјади бизниси. Но, тој додаде дека ќе „одговори пропорционално и соодветно“ доколку владата воведе дополнителни ограничувања за сузбивањето на „омикрон“.

Засега, хотелите во Англија не подлежат на нови законски ограничувања, и покрај скокот од 60% на случаите на Ковид-19 во последната недела, со што бројот на заразени се искачи на околу 90.000 дневно. Сепак, баровите и рестораните во Шкотска сега се ограничени на посетители кои седат на маса, а 27 јавни новогодишни прослави се откажани.

Премиерот Борис Џонсон рече дека нема доволно докази за да се оправдаат новите строги ограничувања во Британија пред Божиќ, но ситуацијата останува исклучително тешка и владата можеби ќе треба да дејствува по празниците.

„Не можеме да исклучиме дополнителни мерки по Божиќ. Ние продолжуваме внимателно да го следиме „омикрон“ и ако ситуацијата се влоши, ќе бидеме подготвени да преземеме акција доколку е потребно“, рече тој.

Според новата финансиска поддршка, угостителските компании во Обединетото Кралство ќе имаат право на грант до 6.000 фунти за секоја од нивните простории, што претставува речиси 700 милиони фунти од новиот пакет.

„Грантот беше еквивалентен на оној што беше обезбеден за хотелскиот бизнис кога беше целосно затворен оваа година“, соопшти Министерството за финансии.

Но, за разлика од досега, овојпат нема да има дополнителна државна помош за работниците кои ќе останат без работа или ќе имаат намалено работно време.

Фондот за поддршка на културните организации ќе биде зголемен за 30 милиони фунти, додека 100 милиони фунти ќе бидат наменети за британските локални власти за мерки за поддршка на бизнисот. 150 милиони фунти се доделени на владите на Шкотска, Велс и Северна Ирска.

Покрај 1 милијарда фунти, Министерството за финансии објави дека ќе ги покрие трошоците за задолжителна плата за боледување за отсуства од Ковид-19 до две недели по вработен – за сите мали и средни претпријатија во земјата.