Британската јавност се предомисли за Брегзит

27

Мрачната економска реалност на Обединетото Кралство и лошите среднорочни прогнози повторно ја разгореа дебатата за Брегзит, иако многумина мислеа дека е ставен крај со потпишувањето на Договорот за слободна трговија со Европската унија во декември 2020 година.

Повеќе од шест години по гласањето за напуштање на ЕУ, Обединетото Кралство се соочува со продолжена рецесија и длабока криза за трошоците на животот, пренесува Блумберг. Неколку дена по најавата за големи промени во фискалната политика, некои високи функционери во владата на премиерот Риши Сунак се залагаат за поблиски односи со ЕУ „во швајцарски стил“.

Британскиот министер за финансии Џереми Хант изјави дека Лондон треба да бара поблизок економски аранжман со ЕУ, а така мислат и голем број владини претставници. На ова се противат „тврдокорните“ кои не сакаат да ги укинат новостекнатите британски регулаторни слободи.

Тонот на Хант ја одразува промената во јавното мислење, со новата репрезентативна анкета која покажува дека 57 отсто од Британците сега се против Брегзит, додека 43 отсто се за. Според анкетата, околу 19 отсто од оние кои гласале за напуштање на ОК сега жалат за својот избор. Според аналитичарите, ова е постепена ерозија на поддршката за Брегзит во британското општество.

Сепак, премиерот, кој беше поборник за Брегзит, засега останува на својот став. „Под мое водство, ОК нема да продолжи со какви било односи со Европа кои се потпираат на усогласување со правото на ЕУ“, рече Сунак. Според него, регулаторната слобода е важна можност за Брегзит.

Не треба да очекуваме драматична промена во политиката на Лондон во блиска иднина, особено ако се има предвид дека од Брисел доаѓаат сигнали дека не се нуди договор во швајцарски стил. Ова прашање би можело да биде сè порелевантно со оглед на влошената економска ситуација, и во ОК и во ЕУ.