Британскиот премиер повика на поголема конфискација на рускиот имот

Британскиот премиер Риши Сунак го повика Западот да биде „похрабар“ во конфискацијата на руските средства и да и ја испрати на Украина каматата што се наплатува за замрзнатите руски средства.

На втората годишнина од руско-украинската војна, британскиот премиер рече дека западните сојузници мора да одат „понатаму“ со своите санкции за да го „размрдаат“ верувањето на рускиот претседател Владимир Путин дека „не чека и не прави ништо додека не се случи нешто“.

Мора да бидеме похрабри во конфискацијата на стотици милијарди замрзнати руски имоти“, напиша Сунак во авторски текст за Сандеј Тајмс, пренесува Политика.

Како што наведе, треба да започне со испраќање камата за замрзнатите средства во Украина.

„И потоа, со Г7, треба да најдеме правни начини за конфискација на имотот и трансфер на тие средства во Украина“, посочи Сунак.

Коментарите на британскиот премиер дојдоа откако лидерите на Г7 ветија дека ќе ги истражат „сите можни начини на кои замрзнатите руски суверени средства би можеле да се искористат за поддршка на Украина“. Лидерите на Г7 веќе потврдија дека запленетите суверени средства на Русија ќе останат замрзнати „додека Русија не ја плати штетата што и ја нанесе на Украина“.

На Украина ѝ се потребни речиси половина трилион долари за покривање на трошоците за реконструкција по рускиот напад, соопштија Светската банка, Европската унија, Обединетите нации и украинската влада во заедничкиот извештај претходно овој месец.