„Бритиш ервејс“ наскоро може да ги полни своите авиони со рециклирано масло

„Бритиш ервејс“ објави дека потпишала договор со рафинерија во Обединетото Кралство за купување одржливо воздухопловно гориво што може да се произведува од обновливи суровини, вклучувајќи отпадни растителни масла, масти и маснотии.

Договорот ја прави авиокомпанијата прва во светот што користи одржливо воздухопловно гориво произведено на комерцијално ниво во Обединетото Кралство.

„Бритиш ервејс“ има за цел да постигне нето нула емисии на јаглерод до 2050 година, а новото гориво ќе биде голем дел од оваа амбициозна задача, заедно со неутрализирање на емисиите на јаглерод.

Авиокомпанијата забележува дека новото гориво ќе помогне да се намалат емисиите на CO2 за речиси 100.000 тони. Ова е еквивалент на напојување на 700 летови на Боинг 787 меѓу Лондон и Њујорк.

Според Шон Дојл, претседател и извршен директор на авиокомпанијата, таа има за цел 20% од летовите до 2030 година да бидат со одржливо воздухопловно гориво, известува T + L.

„Развојот на одржливо воздухопловно гориво е главен фокус за нас и е дел од нашата посветеност за постигнување нето нула емисии на јаглерод до 2050 година преку серија краткорочни, среднорочни и долгорочни иницијативи“, додаде тој.

Иако ова е секако огромен чекор напред, одржливите горива треба да поминат долг пат пред да станат вистинска финансиска опција за сите авиокомпании, а тоа веројатно ќе биде придружено со регулативи и даночни стимулации за повеќе авиокомпании.

„Во моментов, цената на одржливото воздухопловно гориво, сама без никакви стимулации, би чинела можеби четири или пет пати повеќе од постојните нафтени горива, и тоа не е одржливо за индустријата“, изјави за Aviation Today Валери Рид, в.д. директорка за биоенергетски технологии при Управата за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија на Министерството за енергетика.