Бркање ветерници

400

veternici

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Македонија е мала, има најлоша можна географска положба, нема природни ресурси, обремената е со страотно многу внатрешни проблеми, има многу ниска работна етика, секој на секого се труди да му го потпика.

Кога одам во нова држава, применувам еден брз тест за квалитетот на живеењето во таа држава: начинот на кој се вози. Возењето автомобил во Македонија е натпревар – секој со секого се трка, секој секого пцуе, се користи секоја можност да се претекнат останатите. Најчесто повторувана фраза е „Види го, идиот. Кој му даде дозвола“. Сите нешто брзаат, немаат време, доцнат. Сироти пешаци – секојдневно се борат да преживеат на улиците.

А ако отидете во некоја фирма, гледате сосема спротивна слика – работите се одвиваат полека, никому не се брза, никој не се удира од земја ако се доцни со некој проект, состанок или испорака на производ или услуга. Слично е и во останатите балкански држави – неодамна бев во Сараево и на закажаниот состанок во една од водечките компании, половина од поканетите дојдоа барем 30 минути подоцна од закажаното време. Објаснувањето што го добив е: вие сте во БиХ, а името значи „Без икакве Хиќе“ (без никаква итност).

Тоа е реалноста. Ниту критикувам, ниту фалам – само констатирам тоа што го гледам. Си ја сакам Македонија без оглед на сé. Но, секој што почнува да размислува за отворање сопствена компанија во Македонија, треба да тргне од ваквата реалност.

Со што би можело да се занимава идна компанија во Македонија, кој производ или услуга да го понуди на пазарот?

Прво, што не треба – потрагата по идеја за производ или услуга на вашата идна компанија не треба:

– Да се фокусира на Македонија како пазар. Тука зборуваме за строго сегментиран пазар од две национални групи, Македонци и Албанци. Едните не купуваат од другите, освен ако немаат друг избор. Значи, осудени сте на пазар од одвај еден милион потрошувачи, вклучувајќи ги и децата во таа бројка.

– Да биде зависна од транспорт. Соседите – Грција, Бугарија, Албанија, Косово и Србија – се непредвидливи во тоа кога ќе ги спуштат нивните рампи. Мокра земја малку дожд сака – еден „непожелен“ гест од македонска страна и ете ти беља, протокот на стоки крајно ќе се усложни.

– Да користи природни ресурси. Бидејќи ресурси, едноставно, нема – нема доволно енергија, храна, минерални суровини.

Е сега, што треба. Прво и најважно, не почнувајте сопствен бизнис доколку не сте во состојба да се поврзете со моментната влада (не велам партија, бидејќи сите владеачки партии досега се однесувале на ист начин) или пак да се поврзете со некоја од постојните големи компании. Огромен процент од економијата во земјата (повеќето од моите клиенти спомнуваат цифра дури од 80%!) доаѓа од Владата (нејзините министерства, агенции или јавни претпријатија) како нарачател.

Biznisot-vo-Makedonija

Значи, реалната економија учествува со незначителни 20 проценти, од кои веќе 19% се покриени од постојните големи компании. Вам, како на нова компанија, ви останува беден маневарски простор од 1% од вкупната економија. Работите се така поставени што било која партија да дојде на власт, веројатно ќе продолжи по истиот терк – со желба да се контролира што е можно повеќе во економијата. Значи, вашиот прв вработен треба да го планирате да биде експерт за подготовка и манипулација на тендери. А вие, како основач, најважно е да бидете експерт во односите со Владата.

Втората опција е да се поврзете со некоја од постојните големи компании и да бидете некаков под-изведувач за нив. Тие компании може да се избројат на прсти и она што ви треба, пред да формирате компанија, е да најдете некој братучед кој познава некого од влијателните во тие компании и да го вовлечете во играта. Можеби ова ви звучи како несериозно, но јас длабоко верувам дека е така. Не сум идеалист, туку тргам од реалната состојба на терен.

Третата опција е да бидете Дон Кихот и да се борите со ветерници – да се трудите да извадите доволно за себе и за семејството од оној еден процент слободен простор на пазарот. Колку и да е обесхрабувачка оваа опција, сепак верувам дека има доволно и за вас. Притоа, не се поставувам себеси во улога на белосветски консултант па да ви препорачувам нешто како здрава храна (бидејќи сме високо загадена земја) или софтвер (бидејќи сме далеку назад во таа област). Изборот е многу тесен: фокусирајте се на нешто што користи базична и евтина технологија и што може да даде производ со ниска цена. Значи, прифатлив квалитет, со многу ниска цена. Светот тоа го очекува од нас и ние, сакале или, мора да ја прифатиме таа слика.