Бројот на невработени во светот ќе се зголеми за два милиони во 2024 година

60

Стапката на невработеност во светот ќе се зголеми во 2024 година и ќе се искачи на околу 5,2 отсто, под влијание на очекуваниот пораст на бројот на невработени во развиените економии, објави Меѓународната организација на трудот (МОТ), а пренесе Ројтерс.
Тоа значи дека годинава бројот на невработени ќе се зголеми за два милиони, а стапката на невработеност ќе биде поголема за 0,1 процентен поен во однос на 2023 година, прогнозира МОТ во извештајот за светските трендови во вработеноста и социјалните услови во 2024 година.

Агенцијата за труд на ОН, исто така, известува дека, по краткорочниот пораст во периодот на економско закрепнување од пандемијата, збирната продуктивност на трудот одеднаш ослабе и се врати на ниските нивоа забележани во претходната деценија.

МОТ предвидува и дека во следните две години вработеноста благо ќе се зголеми во земјите со повисок просечен приход, а во земјите со низок и понизок просечен приход треба да продолжи трендот на силен раст, објави Bankar.me.