Бројот на патници во воздушниот сообраќај на ЕУ е намален за 73,3 отсто

43

Бројот на патници во воздушниот сообраќај во Европската унија е намален за 73,3 отсто во 2020 година, кога се појави пандемијата на коронавирусот, во споредба со претходната година. Евростат објави податоци за авионски патувања во 2020 година во 27 земји-членки на ЕУ.

Според последните податоци, воздушниот сообраќај во земјите на ЕУ е сериозно погоден од рестриктивните мерки и забраните за патување воведени минатата година поради пандемијата.

Исто така, во земјите на ЕУ бројот на патници во авионите, кој надмина милијарда во 2019 година, е намален на 277 милиони во 2020 година или 73,3 отсто.

Најголем пад на бројот на патувања во Словенија

Податоците на Евростат покажуваат дека 45 отсто од овие патувања биле направени надвор од ЕУ, 33 отсто меѓу земјите на ЕУ и 22 отсто во домашните линии на земјите-членки на ЕУ.

Со 83,3 отсто, најголем пад на авионскиот сообраќај е забележан во Словенија, потоа Словачка со 82,4 отсто и Хрватска со 81,9 отсто. Падот на бројот на патувања во Германија е 74,5 отсто, во Франција 69,9 отсто и во Шпанија 74,6 отсто.

Во овој период најмногу авионски патувања во земјите на ЕУ остварија парискиот аеродром со 22,2 милиони и аеродромите во Амстердам со 20,9 милиони, Франкфурт со 18,7 милиони и Мадрид со 15,5 милиони.