Бројот на работници во индустријата намален за 3,9 проценти во првиот квартал

Државниот завод за статистика (ДЗС) денес соопшти дека бројот на вработени во индустријата бележи пад од 4,3 проценти во март годинава, во споредба со истиот месец претходната година. Во текот на првиот квартал од годинава, забележано е намалување од 3,9 проценти во однос на истиот период лани.

Во март 2025 година, во споредба со март 2024 година, регистриран е пад од 4,5 проценти во бројот на работници во гранката Преработувачка индустрија, 2,1 процент во Рударството и вадење камен, како и 1,8 проценти во Снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Според главните индустриски групи, во март 2025 година, во однос на март 2024 година, бројот на работници во индустријата е намален кај Енергија за 2,8 проценти, кај Капитални производи за 7,3 проценти, Интермедијарни производи, освен енергија за 0,5 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 6,1 процент, а бележи зголемување од 13,4 проценти кај Tрајни производи за широка потрошувачка.

Претходно, ДЗС информираше дека индустриското производство во март годинава е зголемено за 5,2 проценти во споредба со март претходната година, а во првиот квартал годинава, во однос на истиот квартал минатата година, за два проценти.