Бројот на туристи во Русија во 2022 година намален за 96,1 отсто

77

Бројот на туристи во Русија во 2022 година е намален за 96,1 отсто поради меѓународните санкции воведени по воената интервенција во Украина, соопштија денеска претставници на тој сектор.

Според Здружението на руски тур-оператори, кое се повикува на податоците на руската гранична служба, минатата година во Русија влегле само 200.100 странски туристи, значително помалку во споредба со периодот пред пандемијата со коронавирусот во 2019 година, кога тој број беше повеќе од пет милиони луѓе.

„Причините се очигледни – затворениот воздушен простор меѓу Русија и огромното мнозинство европски земји, како и неможноста за користење Visa и Mastercard картички издадени од странски банки во Русија“, се наведува во соопштението на здружението.

По почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси една година, Европа речиси целосно го затвори својот воздушен простор за руските авиони. На почетокот на март 2022 година, првата руска авиокомпанија „Аерофлот“ дури најави прекин на меѓународните летови на одредено време.

Бројот на странски туристи во Русија во 2022 година е значително помал од нивоата забележани во 2020 година (335.800 луѓе) и 2021 година (288.300), две години обележани со големи ограничувања за патувања низ светот поврзани со пандемијата на коронавирус.