Брус Дикинсон на EBAN Winter University 2016 во Загреб: Никогаш не се откажувајте!

18

2

Фронтменот на култниот бенд Iron Maiden, Брус Дикинсон, претприемач и пилот, одржа инспиративен мотивациски говор на првиот ден од најголемата конференција на бизнис ангели во Европа, EBAN Winter University 2016, која вчера и денеска се одржува во Загреб, Хрватска. Дикинсон во салата Лисински зборуваше што е б(р)енд, зошто деловната директна комуникација е поважна од технологијата, како тој ги дефинира претприемачите, што е “креативен комарец”, зошто не ги сака потрошувачите…

1

Според Дикинсон, претприемачот треба да биде амбициозен и способен и што е најважно, никогаш да не се откажува.

“Никогаш, ама никогаш не се откажувајте. Ако пропаднете, а ќе пропаднете, тоа не е затворена врата, туку нова отворена врата што води во нови потфати.”

Дикинсон зборуваше за сопствената борба со ракот на грло, период во кој управувал со три фирми, бил заглавен во долгови, а заработувал само од бендот, но никогаш, ама баш никогаш не се откажал.

4

Покрај Дикинсон, на конференцијата зборуваа и ќе зборуваат Јохан Хансман, најдобар европски инвеститор за 2015, Питер Коули, бизнис ангел на годината 2014/15 во Велика Британија, Алисон Рено од NASA, Дов Моран, пронаоѓачот на USB стикот и основач на M-Systems, Лоренцо Грималди од Sony, Сандро Мур, основач на Bellabeat, Хрвоје Прпиќ, основач на Trillenium, Даворин Штетнер од CRANE, Бајбарс Алтунташ, потпретседател на EBAN и многу други.

6

Конференцијата се одржува под покровителство на Град Загреб и Хрватската мрежа на бизнис ангели (CRANE), а присутни се околу 1.700 учесници, од кои 400 инвеститори и бизнис ангели и 100 стартапи од целиот свет. Во рамките на конференцијата ќе се одржи Zagreb Connect, натпревар на стартапи. Освен награда од 50.000 евра и менторство од реномирани бизнис ангели и инвеститори, победникот ќе има можност да отпатува во Тел Авив и да се запознае со израелската старт – ап сцена.

EBAN Winter University се одржува еднаш годишно.

5

EBAN (European Business Angel Network) е пан-европски претставник на заедницата инвеститори во бизниси што се во рана фаза од развојот и брои преку 250 организации членки и преку 20.000 инвеститори во 59 земји. Основана е во 1999 година од група мрежи на бизнис ангели во Европа, во соработка со Европската комисија и EURADA. EBAN игра важна улога во иднината на Европа, во поглед на финансирањето на малите и средните претпријатија.

3

Дел од интернационалната мрежа на бизнис ангели EBAN е и Клубот на Бизнис ангели на ЦЕЕД Македонија. CEED Macedonia Business Angels Club (CEED BA Club) е формиран како подклуб на членовите на CEED Business and Learning Club – Gold, во ноември 2013 година и е меѓу првите клубови од ваков вид во Македонија. Првите бизнис идеи пред членовите на клубот беа презентирани на 2 април 2014 година.