Брза промена во раководството, oдлуката стапува во сила веднаш: Дизни го врати “стариот“ директор

36

Поранешниот извршен директор на Дизни, Боб Ајгер се врати на чело на Дизни, заменувајќи го Боб Чапек по две години.

Одборот на директори на компанијата ја објави брзата промена во раководството во соопштението за печатот во неделата вечер. Промената стапува во сила веднаш, според компанијата Волт Дизни.

Во соопштението на Дизни се вели дека Ајгер се согласил да ја извршува функцијата извршен директор на компанијата две години, во текот на кои ќе работи со одборот за да најде наследник.

„Одборот заклучи дека, додека Дизни започнува сè покомплексен период на трансформација на индустријата, Боб Ајгер е уникатно позициониран да ја води компанијата низ овој критичен период“, рече Сузан Арнолд, претседателка на одборот на Дизни, во соопштението за печатот на компанијата.

Арнолд рече дека Ајгер има „длабока почит“ од повисокото раководство на Дизни и дека „му се восхитуваат вработените во Дизни ширум светот“.

„Јас сум исклучително оптимист за иднината на оваа голема компанија и воодушевен сум што Бордот ме замоли да се вратам како извршен директор“, рече Ајгер во соопштението за печатот на компанијата.

„Длабоко ми е чест што од мене се бара уште еднаш да го водам овој исклучителен тим, со јасна мисија фокусирана на креативната извонредност да ги инспирира генерациите преку неспоредливо, смело раскажување приказни“, додаде тој.

Ајгер беше претседател и извршен директор на компанијата Волт Дизни 15 години, од 2005 до 2020 година, кога Чапек беше именуван за извршен директор. Ајгер продолжи да служи како извршен претседател на компанијата и претседател на нејзиниот одбор до 2021 година.

Во 2021 година, Ајгер изјави за CNBC дека делумно ја напушта компанијата затоа што станал „премногу самоуверен“ и помалку толерантен кон мислењата на другите луѓе.