Брзо и ефикасно издавање пасоши во македонската амбасада во Берлин

10

Воспоставувањето на базната станица за издавање на патни исправи во Амбасадата на Република Северна Македонија во главниот град на Сојузна Република Германија започна да ги дава првите резултати.

За помалку од еден месец, над 200 лица се имаат сликано, а околу 70 наши државјани веќе се имаат стекнато со нова патна исправа, тврди нашиот амбасадор, Рамадан Назифи. Амбасадорот нагласува дека со базната станица се надмина еден од најголемите и најгорливи проблеми со кои дијаспората и амбасадата се соочуваа.

За ефикасниот и олеснет процес на добивање патни исправи во амбасадите со помош на новиот систем, сведочат и нашите државјани кои веќе ги имаат почувствувано овие бенефиции.

“Во документацијата беше наведено дека мојот нов пасош ќе го добијам за 3 до 4 недели. Ова е вистинско олеснување за сите!”, истакна наш државјанин, коментирајќи го забрзувањето на постапката.

Покрај многуте позитивни коментари кои пристигнуваат од дипломатската мрежа, но и од дијаспората се нагласуваат придобивките од подигнувањето на новата патна исправа во амбасада, без потреба од дополнителни трошоци и патување во матичната земја: “Mногу сум задоволен што пасошите можеме да ги подигнеме и тука, во Германија, во Берлин. Подобро од ова нема!”

Министерството за надворешни работи во континуитет вложува напори за подобрување на услугите за нашите државјани кои живеат во странство. Во оваа насока, за првпат, во нашите амбасади и конзулати беа воспоставени девет базни и четири мобилни станици, а заложбата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи е да го унапредува овој проект и во наредниот период, со зголемување на опфатот на амбасади, кои ќе ги даваат овие услуги за нашите државјани.