Брзорастечки бизниси – Газели

537

gazeli

Фото: Pixabay

Кога ќе споменеме газела, веднаш и недвосмислено помислуваме на вид антилопа, која постигнува голема брзина и прескокнува големи растојанија. Токму тоа е сличноста со бизнисите кои растат со голема брзина и остваруваат големи скокови во работењето, кои се нарекуваат брзорастечки, високорастечки бизниси или компании со високо влијание, а популарно наречени газели.

Најмалку сакам да користам дефиниции, па затоа накратко, брзорастечките бизниси се бизниси (со посебен акцент на малите деловни субјекти) кои остваруваат најмалку 20% континуиран раст (по основ на обрт или продажба или вработени или добивка, итн), за период од три или повеќе години.

Ајде сега да наведам неколку препораки за стимулирање на брз раст, кои воедно и ги надминуваат бариерите кои го лимитираат истиот кај “газелите“, врз основа на искуството стекнато при истражување во оваа област.

Препорака бр. 1: Купувањето постоечки бизнис (преземање) го интензивира брзиот раст. При преземање постоечки бизнис веќе постои пазарно позиционирање и добро запознат сегмент на потрошувачи. Вмрежувањето со околината не започнува одново, но само се додаваат или прекинуваат одредени врски, што овозможува надградување и зголемување на ефикасноста на мрежата на соработка. Трошоците за маркетинг се намалуваат и даваат синергетски ефект, односно далеку повеќе корист по единица вложување, отколку изградба на иницијална маркетинг платформа. Доколку бизнисот пред преземањето ужива позитивна репутација, тоа е само фактор плус кој ќе го забрза растот, бидејќи компанијата е веќе добро позната на пазарот.

Препорака бр. 2: Партнерството го олеснува брзиот раст. Преку партнерското здружување, бизнисите стекнуваат полесно капитал, но и доаѓаат до експертиза на некој од партнерите. Кај партнерството може да се поделат надлежностите и одговорностите на сопствениците, со што едни ќе се ангажираат во секојдневните активности, а другите врз визијата за брз раст. Така се издвојува повеќе време за креативност, иновации и надградување на постојните организациски капацитети во функција на следење на брзиот раст.

Препорака бр. 3: Изградба на силна и раширена мрежа на бизнис ангели и ризико – капиталисти, како и зголемен обем на кредитирање на мали бизниси, позитивно влијае и го поддржува брзиот раст. Треба да се настојува на изградба на потранспарентна и поформална мрежа на бизнис ангели (во која насока веќе се направија првите организирани чекори), како би се овозможил поголем пристап кон парични средства. Формирањето на корпорации, државни институции или делови од банки кои би ја вршеле функцијата на формални ризико – капиталисти, би овозможило прибирање на средства, но и експертиза за остварување на раст кај деловните субјекти. Особено е важно да се зголеми учеството на кредитите преку водење полиберална и похрабра политика на кредитирање на бизнисите, со што одлуката за кредитирање би требало да се заснова врз потенцијалот за раст, а не историјата на бизнисот.

Препорака бр. 4: Технолошките, продорните и радикалните иновации го олеснуваат и го осигуруваат брзиот раст. Секој бизнис кој ќе ги помести границите на креативноста и преку иновациите (технолошки или продорни) ќе создаде решение на пазарот кое дотогаш или не постоело или не било доволно корисно, остварува натпросечен раст и ја зацврстува пазарната позиција. Ова упатува на имплементирање на похрабри иновации во рамки на бизнисот, преку генерирање или купување ново знаење и нови извори на средства кои ќе водат кон големи технолошки унапредувања, со висока стапка на принос и поврат на вложувањето, но и константна стапка на раст со процент повисок од просечниот во дејноста или во подрачјето на кое делува бизнисот. Тоа нужно води кон повеќе од засилување на конкуренцијата, води кон отстранување на конкуренцијата, со што се гарантира натпросечен принос, односно поврат.

Препорака бр. 5: Откривањето на можности го стимулира брзиот раст. Бизнисите кои сакаат да генерираат брз раст, а во што пократок временски период, мораат да имплементираат стратегија на откривање или, што е голема реткост, создавање можности. Откривањето на можности се поврзува со техничко–технолошките и продорните иновации, со што се креира сегментот кој не постои – понуда или побарувачка.

Препорака бр. 6: Надворешното окружување го одржува брзиот раст. Одржувањето на брзиот раст, односно долгорочна стапка на брз раст, мора предвид да го земе, покрај интерното, и надворешното окружување на бизнисот. Особено значајно е да се земе предвид куповната моќ на населението, преференциите и навиките на купување, конзистентноста на снабдување, како и потезите на конкуренцијата. Не само што сето тоа ќе влијае на брзиот раст на подолг рок, но неопходна е и соработка во рамки на дејноста, стратешко партнерство помеѓу конкурентите во одделни сегменти од работењето, со цел задржување на пазарниот удел при влез на конкуренти од други дејности, но и други земји.

Препорака бр. 7: Вградување на креативноста како централна вредност во компанијата во функција на брзиот раст. Неопходно е вградување на креативноста во организациската култура, како и во секој плански документ на бизнисот. Малиот бизнис мора да им обезбеди на вработените време за креирање, слобода во преземање умерен ризик, ресурси за финансирање на креативната идеја и нејзино трансформирање во иновација, како и соодветна награда за успехот, но и отсуство на казна за неуспешноста во процесот на креативно мислење.

Препорака бр. 8: Брзиот раст бара претприемнички менаџмент. Периодичното користење, односно изнајмување на ресурсите е правопропорционално на брзиот раст на бизнисот, со што во секое време постојат или полесно се наоѓаат слободни парични средства за гонење на новопојавени или новосоздадени можности, постојано следење на креативни решенија и перманентно воведување на техничко–технолошки иновации, како и слободни технолошки и кадровски ресурси за дополнително ангажирање во надминување на проблемите или бариерите на брзиот раст. Брзиот раст бара целосно неформална, тенка хиерархиска структура, со непосредни канали на комуникација. Фокусирањето врз безбедноста и сигурноста во бизнис делувањето негативно влијае врз брзиот раст, со што бизнисот мора да врши поместување од зона на комфор, безбедност и сигурност кон зона на умерен ризик, неизвесност и брз раст.

Препорака бр. 9: Клучни двигатели на брзиот раст се визијата, иновациите, човечките ресурси, клиентот и вмрежувањето. Визијата на бизнисот, преточена во мисија и цели на брз раст, овозможува воспоставување на структура која ќе поддржува брз раст. Неспорно е значењето на иновациите, бидејќи тие донесуваат големи техничко–технолошки подобрувања, кои го подгреваат истиот. Постојаното надградување и усовршување на човечкиот потенцијал се суштински, бидејќи луѓето, а не машините, се творци и носители на растот, а познавањето на потребите и барањата на клиентите придонесува кон добро планирани потези, целисходни акции и вистински решенија за задоволување на истите, што предизвикува генерирање на натпросечни стапки на пораст кај бизнисот. Вмрежувањето, односно воспоставувањето на силни врски со окружувањето и создавањето на мрежа на поддршка, придонесува до создавање поволни услови за генерирање и стимулирање на брз раст.

Препорака бр. 10: Иновациите, профитабилноста, одржливоста, надградбата и управувањето со ризик го одржуваат брзиот раст. Одржувањето на брзиот раст во преден план ги става постојаното воведување на иновации; профитабилноста за финансирање на брз раст; одржливоста, односно бариери за влез на конкуренција и одржување на стапката на раст во подолг период; надградбата на капацитетите; и управувањето со ризик, односно намалувањето на неизвесноста.