Буџетите на големите спортски настани се спротивставуваат на кризата, милијарди евра во игра

21

Љубителите на спортот ќе уживаат во два големи настани оваа година – Летните олимписки игри во Париз и Европското фудбалско првенство. Од средината на јуни до средината на август, Франција и Германија ќе бидат спортски центри на Европа и светот.

Ваквите спортски манифестации прилично ги чинат организаторите, а кризата сè уште трае, но сепак очекуваат инвестицијата да им се исплати, особено кога е фудбалот во прашање.

Да почнеме од Олимпијадата, која е главниот светски спортски настан. По точно 100 години Французите повторно се домаќини на најдобрите светски спортисти. Париз ќе биде домаќин на Олимписките игри вкупно трет пат (по 1900 и 1924 година).

Во периодот од 26 јули до 11 август ќе се одржат натпревари во 32 спорта – вкупно 329 настани, а голем дел од нив ќе се организираат на позадината на Ајфеловата кула,  Големата палата и новото Олимписко село.

Вкупниот буџет за летните Олимписки игри во Париз, вклучувајќи ги и трошоците за изградба и реновирање на објектите, е околу осум милијарди евра (8,2 милијарди долари), пишува АП. Организацискиот одбор, познат како COJO, има оперативен буџет од околу 4,4 милијарди евра (4,5 милијарди долари).

Тони Естанге, претседател на организацискиот комитет, инсистираше на тоа дека 96 отсто од буџетот е финансиран од приватниот сектор, вклучувајќи го ИОК, партнерските компании, како и канцеларијата за издавање билети и лиценцирање. Тој кон средината на минатата година изјави дека веќе се продадени 6,8 милиони билети, а привлекле спонзори, од кои 22, во вредност од една милијарда евра.

„Ова е без преседан и очигледно првпат спортски настан во Франција да собере толку многу пари од компании и партнерства“, рече Естонге.

Сепак, парижаните не се особено среќни поради овој настан.

Многумина од нив нема да бидат во својот град за време на Игрите, но добар дел од нив ќе ги изнајмуваат своите станови по цена од три до четири пати повисока од вообичаената, што веќе може да се забележи на Букинг.

Исто така, како што пишува Франс 24, цената на метрото за време на оваа манифестација ќе се зголеми за 100 отсто. Поединечните билети ќе се продаваат за четири евра (4,37 долари), во споредба со сегашните 2,10 евра, а блоковите од 10 билети ќе се продаваат за 32 евра, наспроти сегашните 16,90 евра.

Се очекува доаѓање на повеќе од десет милиони туристи, што е еден од рекордите за посетеност на еден град за време на Олимписките игри. Добра можност за заработка, која Французите веќе ја користат.

ЕУРО 2024 очекува приходи од 2,4 милијарди евра
Пред Олимписките игри, Европското првенство во фудбал ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули, чиј домаќин е Германија. Ќе се одиграат вкупно 51 натпревар.

Буџетските трошоци за натпреварувањето ЕУРО 2024 изнесуваат 645,5 милиони евра (ЕВРО 2016: 595,2 милиони евра), а најголемиот дел се однесуваат на директните трошоци за организација на турнирот, покажуваат податоците објавени во билтенот на УЕФА.

Буџетот на натпреварот е поделен на различни проекти како што се изнајмување стадиони, волонтери, трошоци за ТВ продукција, свечено отворање, транспорт и персонал, судии, ВАР…

Се очекува вкупните приходи да ја надминат границата од 2,4 милијарди евра и да бидат за 26 отсто поголеми од 2016 година кога ЕУРО се одржуваше во Франција. Податоците од 2020 година не се земаат како добар репер, бидејќи тогаш имаше пандемија и во организацијата учествуваа 11 земји.