Будни на работа

39

rabota

Фото: Pixabay

Колку и да се трудиме да си легнуваме рано и да сме одморени за работа, не малку пати ни се случило да сме се разбудиле изморени или на работа да се чувствуваме изморено. На тоа може да влијаат многу фактори, но прашањето е: како да го преживееме тој ден и да бидеме продуктивни?

Еве неколку совети за тоа:

  1. Јадење – внимавајте на исхраната тој ден. Јадете полесна храна. Тешката храна (fast food, големи количества месо, обилни оброци итн.) знаат уште повеќе да не успијат. За да се свари таа храна, организмот троши екстра енергија која во тие моменти ви е повеќе од потребна
  2. Вежби – без оглед дали практикувате да вежбате или не, практикувајте канцелариски вежби. Доколку не знаете кои, отворете на интернет и побарајте. Гледајте да практикувате лесни и кратки вежби, зошто во спротивно тие можат да ве изморат уште повеќе. Вежбите практикувајте ги неколку пати во текот на денот. Најубаво тие да бидат поврзани со истегнување и размрдување на вашето тело, контрола на дишењето, енергетски вежби итн.
  3. Пауза – доколку не сте во можност да практикувате вежби, тогаш употребувајте кратки паузи од по неколку минути. Паузите користете ги за да го одморите вашето тело и да ја повратите енергијата. Паузите користете ги за да се размрдате, па доколку сте во можност станете и раздвижете се низ канцелариите.
  4. Прошетка – ако сте во можност, практикувајте кратки прошетки. Во зависност од местоположбата на вашето работно место, прошетките можат да бидат или во најблискиот парк или околу канцелариите, но во секој случај, доколку сте во можност, гледајте да бидат надвор од работното место.
  5. Положба на работа – доколку работното место ви дозволува, менувајте ја положбата на работата. Ако работата ви е во седечка положба, пробајте да работите во стоечка положба и обратно. Со тоа, покрај тоа што го будите вашето тело, го будите и вашиот мозок поради промените во начинот на работа што му ги правите.
  6. Вода – пијте многу вода. Дехидрираноста е поврзана со заморот, а дехидрираноста ја намалува концентрацијата. Гледајте да пиете, по можност многу ладна вода, која го разладува и разбудува организмот, без разлика на времето надвор во моментот. Дополнително на тоа, со често пиење вода, провоцирате и често одење во тоалет, а со тоа и чести паузи и прошетки.
  7. Лесни задачи – доколку сте во можност, фокусирајте се на извршување на лесни задачи и гледајте да избегнувате тешки задачи. Фокусирајте се на рутински задачи, затоа што со  лесни и рутински задачи, енергијата се враќа, нешто што во тие моменти ви е повеќе од потребно.
  8. Музика – слушајте музика, бидејќи таа ви дава енергија што ве тера да играте, па и да пеете. Избегнувајте позната музика, затоа што може да ве успие уште повеќе. Ако не сте сами во канцеларија, употребете слушалки, не мора сите да ја слушаат вашата музика.
  9. Кафе/чај – употребувајте ги овие напитоци, но бидете умерени во нивната консумација.  Но, ако сте регуларен употребувач на овие два пијалака, тогаш овој совет може нема да ви биде од корист, затоа што вашето тело е навикнато на нивните ефекти, т.е. да ве разбудат. Затоа, бидете внимателни со консумацијата, бидејќи освен што може да ве држат будни, може да предизвикаат и проблеми со вашето здравје.
  10. Дремка – доколку пак не можете да издржите, тогаш кратка дремка од 20 минути може да го дигне вашето тело со активирање на десната страна на мозокот. Таа страна е одговорна за процесирање и складирање на сите потребни и релевантни информации.

Ова беа само неколку совети како да го издржите денот кога сте уморни, но најважен совет кој може да ви го дадам е да не дозволувате да доаѓате на работа изморени. Погрижете се да сте доволно наспани, одморени и „употребливи“ за работниот ден, а викенд деновите употребувајте ги за долги и ненаспани ноќи.

Со успех во промените.