Бугарија доцни со полнење на складиштата за гас

77

Бугарија нема да може да ја исполни минималната цел на Европската унија, до 1 октомври сите земји-членки да наполнат 80 отсто од складиштата на гас, пишува бугарскиот весник Дневник.

Земјите од ЕУ имаат рок до крајот на октомври да ги обезбедат потребните резерви на гас за зимата, но единственото складиште за гас во Бугарија е Чирен, на северозападот на земјата, досега само 73,11 отсто исполнето, а се полни со стапка помала од половина процент дневно, според податоците на операторот  за гасната инфраструктура на ЕУ (GIE).

Тоа, како што пишува Дневник значи дека во грејната сезона нема да има доволно снабдување со гас, дури и ако Бугарија успее да ги исполни зацртаните цели на ЕУ до крајот на октомври.

Повеќето европски земји успеваат да набават резерви на гас и да ги наполнат своите складишта, при што просечниот капацитет на складиштата во ЕУ веќе е 87,4 проценти.

Во Бугарија, пак, на претстојниот недостиг влијае и тоа што магацинот Чирен, со капацитет од 550 милиони кубни метри, е еден од најмалите во ЕУ.

Просечната потрошувачка на гас во Бугарија е околу три милијарди кубни метри годишно.

Во моментов таа земја троши најмалку гас во последните десет години. Во текот на летната сезона дневната потрошувачка била околу четири милиони кубни метри дневно, додека претходните години била меѓу шест и седум милиони кубни метри дневно.

Европската комисија претходно го одобри проектот за проширување на капацитетот за складирање гас во Бугарија и одвои финансиска помош од 78 милиони евра за него.

Бугарскиот државен гасен концерн Булгартрансгаз моментално преговара со различни институции, вклучувајќи ги и финансиските фондови на американската влада, за остатокот од парите за тој проект.

Во ЕУ има 18 земји-членки со подземни складишта за гас. Државите без такви капацитети за складирање, според упатствата на Комисијата, ќе добијат гас со учество во трошоците за складирање во други држави.

Податоците на Европската комисија покажуваат дека во магацините на територијата на ЕУ можат да се складираат вкупно 1110,7 терават часови гас, што е нешто повеќе од една четвртина од вкупната годишна потрошувачка во Унијата.