
Бугарската влада ќе ги суспендира таксите за транзит на руски гас што минува низ таа земја кон Србија и Унгарија, јавија српските медиуми пренесувајќи став на Министерството за рударство и енергетика.
Станува збор за такси што важат од средината на октомври, а Србија и Унгарија, кои добиваат гас преку транзитниот гасовод од Бугарија, го осудија тој потег, стравувајќи дека потрошувачите ќе ги платат дополнителните трошоци.
Србија и Унгарија официјално се обратија до Европската комисија во врска со бугарските такси.
Унгарија е членка на ЕУ и смета дека воведувањето на овие давачки е спротивно на овие европски правила, изјави претходно министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и посочи дека има примери каде ваквите одлуки биле суспендирани во минатото.
„Србија испрати официјално обраќање до Енергетската заедница, во чија работа учествува и Европската комисија. Сакаме да се увериме дека нема прекршување на европските регулативи. Ќе се обидеме да го надминеме овој предизвик во разговорот со бугарската страна, кој сигурно ќе има негативни финансиски последици за Србија и Унгарија“, рече претходно Ѓедовиќ Хандовиќ.











