Бугарија го реши проблемот – ќе има долгорочен пристап до гасоводната мрежа и терминалите на Турција

96

Софија и Анкара постигнаа договор според кој Бугарија ќе има долгорочен пристап до гасната мрежа и терминалите на Турција.

Претставниците на бугарската државна компанија Булгаргаз и турскиот Ботас потпишаа 13-годишен договор, со кој на Софија и се гарантира пристап до турските терминали за течен природен гас, пренесува АП.

Бугарскиот министер за енергетика Росен Христов најави дека со овој договор се решава проблемот на Бугарија со недостиг на инфраструктура за течен природен гас.

Според овој договор, Бугарија ќе купува течен гас на меѓународниот пазар, а тој ќе се испорачува и преработува во турските терминали за ЛНГ, така што конечно ќе биде испорачан во Бугарија преку гасоводот на компанијата Ботас.

Пред рускиот напад на Украина, Бугарија беше речиси целосно зависна од рускиот гас, но во април минатата година Москва го прекина снабдувањето поради одбивањето на официјална Софија да го плати гасот во рубљи, потсетува агенцијата.

Софија сега бара енергетски алтернативи за разумна цена и веќе има потпишано договор со Азербејџан кој и гарантира речиси милијарда кубни метри природен гас преку турските гасоводи.