Бугарија не се откажува од воведувањето на еврото

110

Бугарија не се откажува од својот план да ја замени националната валута со евро почнувајќи од 2024 година.

Сепак, официјална Софија мора да ги засили напорите за да им ја објасни промената на своите граѓани, кои сè уште се поделени по ова прашање, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за Блумберг.

Њујоршката агенција пишува дека ова е прва официјална потврда за транзицијата кон валутата на еврозоната откако тој дојде на чело на владата во декември.

Во тоа интервју тој најави и влез на Бугарија во Шенген зоната во рок од шест месеци, како и воведување зелен сертификат за вработените во државната администрација, доколку сакаат да ги задржат работните места.

Mеѓу Бугарите поддршката за влез во еврозоната е променлива, бидејќи околу половина од граѓаните сметаат дека тоа би имало негативни последици, а повеќе од три четвртини од нив се загрижени за можното шпекулативно зголемување на цените, покажува јулскиот барометар за расположението на нацијата.

Од 2024 година

И бугарскиот министер за финансии Асен Василев изјави дека Бугарија технички е целосно подготвена да го воведе еврото и дека датумот за тоа, 1 јануари 2024 година, не е загрозен.

„Поентата е правилно да се спроведе кампања која ќе им помогне на сите да разберат што значи усвојувањето на еврото – кои се придобивките и потенцијалните ризици, како и како да се носат „информирани“ одлуки. Ние веруваме дека ова е најдобриот план за Бугарија ,” додаде Василев.