
Дискусиите за пократка работна недела, која веќе се тестира во некои делови од Европа, се соочуваат со силен отпор во Бугарија, при што организациите на работодавци остро се спротивставуваат на идејата за скратување на работната недела на четири дена, објави новинската агенција БТА.
Дебатата беше предизвикана откако Грција презентираше предлог-закон со кој ќе им се овозможи на родителите да работат четири дена, но со продолжени смени од десет часа наместо стандардните осум.
Бугарскиот закон предвидува петдневна работна недела од 40 часа, а заедно со Грција, Бугарија има најдолго реално работно време во Европската Унија, додека е на дното на листата по уделот на вработените кои работат прекувремено.
Во исто време, продуктивноста на трудот во Бугарија е најниска во Европската Унија и изнесува само 56,8 проценти од просекот на ЕУ.
Заменик-претседателката на Бугарската индустриска комора (БИК), Марија Минчева, наведува дека земјата не е подготвена за модел на четиридневна работна недела, поради намалувањето на работната сила и стареењето на населението, но и затоа што, според неа, на Бугарија ѝ недостасуваат потребните нивоа на автоматизација и дигитализација што би им овозможиле на вработените да работат помалку часови, без да го намалат производството, пренесува Танјуг.











