
„Бугати Римац“ отвори ново дизајнерско студио во Берлин, со што започнува ново поглавје во развојот на дизајнерскиот идентитет на брендот, соопшти компанијата.
Сместен во историска индустриска зграда од 1920-тите, студиото од 1.100 квадратни метри станува креативен центар за развој на идни модели, а тимот работи во Берлин поддржан од остатокот од дизајнерскиот тим со седиште во кампусот Римац во Хрватска.
Студиото на „Бугати Римац“ во Берлин, како германска подружница, се фокусира на напредни концепти на моделите на „Бугати“, додека дел од дизајнот и целосниот развој за брендовите „Бугати“ и „Римац“ се одвива во Хрватска, во кампусот „Римац“ – технолошкиот и инженерскиот центар на компанијата во близина на Загреб.
Берлин, како град со богата историја, технолошки иновации и креативна енергија, е логичен избор за проширување на дизајнерските капацитети.
Новата локација, наведоа тие во соопштението за медиумите, му овозможува на Bugatti Rimac да привлече меѓународни таленти, дополнително зајакнувајќи го мултикултурниот карактер на тимот што ги собира дизајнерите од 22 земји. Историската зграда, која со децении служела за различни намени – од електрана до клуб – е трансформирана во современ простор, задржувајќи ги автентичните архитектонски елементи.
Студиото е опремено со најсовремени технологии, вклучувајќи виртуелна реалност, CAD системи и флексибилни работни единици.
Овие технологии им овозможуваат на тимовите целосно да го развијат и оптимизираат дизајнот на возилата виртуелно, со што се забрзува процесот од идеја до реализација.
Просторот е исто така репрезентативно место за соработка со клиенти на индивидуализирани проекти, вклучувајќи креирање персонализирани скици, избор на материјали и конфигурација на возила.
„Секој модел на Бугати е проткаен со духот на неговото наследство, супериорен инженеринг, технолошки способности и извонреден дизајн. Затоа ни е важно да биде создаден од луѓе со подеднакво уникатни вештини, во средина што ги негува тие вештини. Токму тоа го претставува новото дизајнерско студио Бугати Римац, сместено во срцето на оваа жива метропола Берлин“, рече Франк Хејл, директор за дизајн на Бугати.
Фото: Римац