Бундесбанк: Можно е германската економија да е во рецесија

16

Германија може да биде во рецесија бидејќи странската побарувачка е слаба, потрошувачите остануваат претпазливи, а домашните инвестиции се задржани поради високите трошоци за задолжување, покажа извештајот на германската централна банка, Бундесбанк во понеделникот.
„Сè уште нема закрепнување на германската економија. Во првиот квартал од 2024 година, активноста би можела повторно благо да се намали, а со втор последователен пад на економската активност, германската економија би влегла во техничка рецесија“, објави Бундесбанк во редовниот месечен извештај за најголемата европска економија.

Германија се бори откако руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година ги зголеми енергетските трошоци, а нејзината огромна економија базирана на индустриско сега е во четвртиот квартал по ред со нула или негативен раст, што тежи на целата еврозона, забележува Ројтерс.

Во четвртиот квартал од минатата година, сезонски прилагодениот реален БДП, според првите проценки, е намален за 0,3 отсто во однос на претходниот квартал, откако речиси стагнираше во првите три квартали од 2023 година, соопшти централната банка.

Засега слабостите ќе продолжат, предвидуваат тие.

Странската побарувачка за производи од германската индустрија слабее, а нарачките се намалуваат. Бизнисите, исто така, ги задржуваат инвестициите, делумно затоа што трошоците за финансирање нагло се зголемија откако Европската централна банка ги зголеми каматните стапки на рекордно високи за да ја заузда инфлацијата, соопшти централната банка.

Високиот номинален раст на платите влијае и на бизнисите, а штрајковите во клучните сектори како што е транспортот исто така би можеле да влијаат на растот во овој квартал.

Нарушувањата на пловидбата во Црвеното Море, сепак, нема да имаат значајно влијание со оглед на големиот број на слободни капацитети во транспортот на стоки и затоа што трошоците за транспорт сочинуваат само мал дел од вкупните трошоци на стоката, според Бундесбанк.