Бундесбанк: Слабоста на германската економија ќе трае

19

Периодот на слабост на германската економија ќе продолжи, оценува централната банка во новиот месечен извештај. Сега се чини дека нема значителни знаци дека економијата ќе заживее во вториот квартал, објави Бундесбанката во четвртокот.
Домашната економија првиот квартал ќе го заврши со блага рецесија. Тоа ќе биде втор последователен квартал на пад на бруто домашниот производ, по минус од 0,3 отсто на крајот на 2023 година.

Личната потрошувачка, еден од столбовите на германската економија, сè уште е воздржана и „засега не може да се очекуваат силни импулси од неа“, наведува Бундесбанк во својот мартовски извештај.

Потрошувачите се во состојба на неизвесност и затоа трошат претпазливо, иако нивниот простор за маневрирање се зголеми пропорционално со намалувањето на инфлацијата.

Истовремено, Бундесбанката очекува дополнително забавување на инфлацијата, иако со можни „забележливи осцилации“ поради претстојните велигденски празници и ефектот од поскапите патувања во просек.

Друг важен столб, градежната индустрија, и понатаму е во неволја, иако доби ветар во грбот благодарение на благото време во февруари.

Инвестициите и понатаму се попречени од надуените каматни стапки, а инвеститорите се „дополнително оптоварени од неизвесноста на економската политика, пред се во доменот на климатската транзиција“, продолжува Бундесбанката.

„Понатаму, компаниите ја доживуваат рамката што им ја наметнува економската политика како пречка, како што е растечкиот товар на бирократијата и регулативата“, наведува Бундесбанката.