Бундесбанка: Старосната граница за пензионирање да се поврзе со очекуваниот животен век

98

Германската централна банка (Бундесбанка) денеска предложи старосната граница за пензионирање да се прилагоди на просечниот животен век во Германија.

„Поврзувањето на пензионирањето со просечниот животен век би можело да го стабилизира пензискиот систем на долг рок“, се вели во месечниот извештај на германската централна банка објавен денеска.

Во него се наведува дека многу земји во Европската унија, во меѓувреме, го приспособиле моделот на пензионирање на таков механизам.

„Поврзувањето на моментот на пензионирање со просечниот животен век значително го намалува притисокот, како врз висината на пензиското осигурување, така и врз државниот буџет“, стои во извештајот на економистите на банката.

Со тоа, се наведува понатаму, би се елиминирала вечната дебата за изнаоѓање секогаш нови модели за одредување на старосната граница за пензионирање.

Границата за редовно пензионирање постепено се зголемува од 2012 година, а до 2031 година треба да се помести на 67 години.

Партиите од актуелната владејачка Социјалдемократско-зелено-либерална коалиција се договорија да го замрзнат износот на пензијата на 48 отсто од последната плата. Коалицијата ја исклучува и можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање.

Сегашниот просечен животен век на жените во Германија е 83,4 години, а на мажите 78,6 години.