Бундесбанката го свика кризниот тим, не е планиран состанок на советот за надзор на банкарскиот сектор при ЕЦБ

82

Германската Бундесбанка денеска го собра својот кризен тим за да ги процени евентуалните последици од банкротот на американската банка на Силиконската долина (SVB) за локалниот пазар, иако во Европа не се предвидени итни дејствија.

Акциите на банките во еврозоната денеска паднаа. Кризниот тим е создаден за време на финансиската криза во 2008 година и има задача да го информира советот на Бундесбанк и да прави препораки, но нема овластувања да донесува одлуки.

Одлуките за еврозоната ги носат националните надзорни органи за помалите банки и Единствениот надзорен одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) за големите.

Засега не се планира итен состанок на советот за надзор на банкарскиот сектор, изјави анонимен извор.

Според изворот од супервизорската структура, не се очекуваат директни последици од банкротот на банката на Силиконската долина за банките во еврозоната, освен ако кризата не се прошири и на поголемите американски банки.

Германското регулаторно тело Бафин (BaFin) денеска ја затвори германската филијала на банката на Силиконската долина, јави ДПА.

Регулаторот како причина ја наведе „постоечката опасност за исполнување на обврските кон доверителите“. Сепак, тој нагласи дека банкротот нема да има големи последици за германскиот банкарски сектор.