Burnout!

24

pregoruvanje

Фото: Pixabay

Многу често во последно време се среќавам со луѓе со кои зборуваме на тема “Burnout” (истоштеност, изнемоштеност, прегорување). Инаку овој концепт, за истоштеност на работното место, се употребува уште од 70-тите години и според дефиниција претставува “тип на психолошки стрес, кој се карактеризира како исцрпеност, фрустрација, недостаток на ентузијазам и мотивација”.

Во секој случај, на овој концепт гледам како преоптовареност со работа, т.е кога сме под константен притисок од обврски и задачи и кога не може да се справиме со сите нив. Или, метафорично кажано, „ако го возиме автомобилот на 6.000 обрти, нормално е дека автомобилот набрзо ќе попушти и ќе се распадне”.

Од истражувањето што го направив за оваа тема, увидов дека Burnout концептот и не е само поврзан со премногу работа и обврски. Затоа, причините за Burnout ќе ги поделам во 2 групи и во зависност од личните карактеристики ќе зависи во која група може да се најдат оние кои се чувствуваат „прегорено”.

„Прегорување“ поради преголем обем на работа

Доколку сте во оваа група и постојано сте под стрес поради преголемиот број на обврски, и тоа ви се случува во континуитет, секојдневно, тогаш или не знаете да ги организирате вашите обврски или проблемот е во менаџерот/фирмата. Во овој случај треба да поработите на вашите менаџерски вештини, како на пример подобро менаџирање на вашето време, делегирање, приоретизирање, планирање, организирање или, едноставно, да научите да кажувате „не“. Доколку вие сте тие што секогаш се „натрупани“ од работа од страна на менаџерите, или барајте си асистент или одете си од таа работа. Штом вас ве „трупаат“ со работа, тоа значи дека сте исполнителни и одговорни на работа, а со тоа и полесно ќе си најдете друга работа.

„Прегорување“ поради губење на мотивација

Спротивно на „прегорување“ поради преголем обем на обврски во континуитет, е „горење” поради губење на мотивација, ентузијазам и јасна цел. Многу често ние се чувствуваме прегорено, не поради големиот број на обврски, туку поради губење или намалување на мотивот за нивно извршување. Во таква состојба, нас секое количество на работа ни се гледа премногу. Нам ни е потребно неколку пати поголемо количество на енергија да направиме нешто што не сакаме, отколку кога уживаме во работите што ги правиме. Доколку губите интерес за работата, се чувствувате дека вашиот труд не е ценет и непотребно давате максимум од себе, тогаш сигурно половично и без ентузијазам ги сработувате обврските и сте на патот кон Burnout.

Во ваква ситуација може да направите:

  1. Најдете го мотивот сами – сè она што го правите, не го правете за никој друг освен за себе. Затоа гледајте да ги извршувате задачите максимално професионално и не чекајте никој да ве мотивира. Искуството и знаењето стекнато со работата е само ваше.
  2. Ако мислите дека немате енергија/сила и ви е потребен поттик – практикувајте го правилото на 40% на американските US Navy SEALs според кое, „кога мислите дека сте го дале максимумот од вас, знајте дека сте само на 40% од вашиот капацитет”.
  3. Ако сте ја изгубиле целта – најдете си нова и поголема од претходната.

Сигнали што покажуваат дека вие сте на патот кон “Burnout”:

  • Секој ден ви е лош ден на работа
  • Постојано се чувствувате истоштени и исцедени
  • Одбивност кон задачите на работа (работење со сила)
  • Се чувствувате дека сè што правите е залудно и не ви се цени трудот
  • Досадно ви е
  • Премногу обврски
  • Се чувствувате ненаградени за вашите успеси
  • Тешко станувате од кревет наутро
  • Намален имунитет (често се чувствувате болежливо)
  • Чести главоболки
  • Губење апетит и проблеми со спиење

Како и да е, чувството на „прегорување“ не е добро ниту за вас ниту за компанијата каде работите. На вас, нормално ви се одразува на вашето здравје, а на компанијата со неефикасно извршување на зададените задачи (грешки, пропусти, површно работење итн.). Доколку се најдете во поголем број од горенаведените сигнали, време е за промени.

Со успех во промените.