Финансискиот извештај на BuzzFeed посочи на тема која продолжува во технолошкиот свет: корисниците се повлекуваат од Facebook, пишува CNBC.
„Во овој момент од кварталот, продолжуваме да гледаме дека јавноста поминува помалку време на Facebook“, рече главниот финансиски директор Фелисија Дела Фортуна.
Ова доаѓа откако Meta објави дека бројот на нејзините дневни активни корисници благо паднал во последниот квартал на 1,93 милијарди, што го означува првиот квартален пад во историјата. Падот од околу 500.000 луѓе може да значи дека Facebook достигна заситеност на своите производи ширум светот, а способноста за привлекување нови корисници го достигна својот врв.
Главната апликација на Meta Platforms – Facebook, е под притисок да остане во чекор со конкурентите, вклучувајќи го Instagram, кој е во сопственост на истата компанија и брзорастечкиот TikTok, кој нуди кратки видеа. Компанијата лансираше своја кратка видео функција, наречена Reels, во обид да го задржи вниманието на публиката.
„Луѓето имаат многу избор за тоа како сакаат да го поминуваат своето време, а апликациите како TikTok растат многу брзо“, рече извршниот директор на Меtа, Марк Закерберг, за време на разговорите на компанијата со инвеститорите минатиот месец. „Затоа нашиот фокус на Reels е толку важен на долг рок“, рече тој.
Закерберг коментира дека како резултат на конкуренцијата, поголем фокус на форматите на кратки видеа, насочени кон младите корисници и оптимизирање на целокупниот ангажман, Facebook ќе продолжи да чувствува притисок врз растот на импресиите (посетите) на краток рок.
BuzzFeed, кој е силно фокусиран на својот сегмент за малопродажба, тврди дека најголемиот дел од сообраќајот до неговата шопинг содржина доаѓа од Facebook. Но, „промената на публиката“ надвор од апликацијата „непропорционално влијаеше“ на приходите на BuzzFeed, рече ДелаФортуна. Гледајќи напред кон првиот квартал, таа очекува овој тренд да продолжи.
Компанијата за дигитални медиуми објави 26 милиони долари нето добивка минатата година со 398 милиони долари приход, што забележа зголемување на приходите од 24% во однос на претходната година. Исто така, објави нови планови за „забрзување на профитабилноста“.