BYD забележа пад на профитот во вториот квартал, за прв пат по повеќе од три години

Кинескиот производител на електрични возила BYD објави пад на профитот во вториот квартал од оваа година, за прв пат по повеќе од три години, бидејќи неговата претходно незапирлива експанзија наиде на првите пречки додека кинеската влада се обидува да ги заузда ценовните војни меѓу кинеските производители.

Нето добивката на моментално најголемиот производител на електрични возила во светот изнесуваше 6,4 милијарди јуани (895 милиони долари) во вториот квартал од оваа година, објави компанијата во петок.

Ова е пад од 29,9 проценти во споредба со истиот квартал од претходната година, по зголемувањето кое во првиот квартал забележа годишен раст на профитот од 100,4 проценти. Приходите се зголемија за 14 проценти на 200,9 милијарди јуани (28 милијарди долари) во кварталот април-јуни. Во целата прва половина од 2025 година, профитот порасна за 13,8 проценти, а приходите пораснаа за 23,3 проценти во споредба со претходната година.

BYD се смета за најголем кинески конкурент на американската Tesla, а на многу меѓународни пазари остварува далеку подобра продажба од неа. Сепак, во последните неколку месеци се соочи со големи проблеми на домашниот кинески пазар.