Царина и Тутунски комбинат – Прилеп потпишаа Меморандум за соработка

49

Царинската управа и Тутунски комбинат АД Прилеп ТКП потпишаа Меморандум за соработка со кој ќе се спречува шверц на цигари, ќе се разменуваат информации, ќе разменуваат искуства.

Меморандумот го потпишаа двајцата директори, Ванчо Каргов и Александар Дерменџиев, а истиот предвидува определување на механизми и методи за соработка помеѓу договорните страни за спречување и борба против нелегалното производство, промет и шверц на тутун и тутунски производи, вклучувајќи и производство, дистрибуција и продажба на фалсификувани и криумчарени цигари.

Во рамки на Меморандумот е вклучено и стимулирање на соработката преку меѓусебна размена на информации со цел да се идентификуваат изворите и учесниците во производството и нелегалната трговија со тутун и тутунски производи.

Исто така, со Меморандумот се обезбедува унификација на интересите во врска со спроведување на законите кои ги штитат Правата на интелектуалната сопственост и ја спречуваат нелегалната трговија со тутунски производи.

Со овој Меморандум Царинска управа и Тутунски Комбинат изразуваат волја за унапредување на соработката и јакнење на меѓусебната помош и поддршка заради остварување на заеднички интереси – ефективно да се борат против организираниот криминал со тутун и тутунски производи.