Царинската управа започнува зајакнати контроли на пловни објекти на Охридското езеро – апел до сопствениците да го регулираат царинскиот статус на пловилата

Царинската управа, преку Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги, во наредниот период ќе спроведува зајакнати теренски контроли на пловните објекти кои се користат на Охридското Езеро. Контролните активности ќе бидат насочени кон проверка на тековниот царински статус на пловните објекти и исполнетоста на законските обврски согласно царинските прописи. Царинската управа ги повикува сите сопственици и корисници на пловила за кои не е спроведена соодветна царинска постапка, истата да ја регулираат во најкус можен рок. 

Сите пловни објекти кои при контролата ќе бидат затекнати со нерегулиран царински статус ќе бидат предмет на соодветна законска постапка, при што ќе бидат преземени мерки за утврдување на обврските и привремено задржување на пловилата, до нивно целосно исполнување согласно законските овластувања. Предмет на контрола ќе бидат и пловните објекти на нерезидентите чија употреба е регулирана со дозвола за привремен увоз, по што мора да го напуштат царинското подрачје или за нив да биде спроведена соодветна царинска постапка. Воедно ќе се контролира и исполнетоста на условите за управување со пловилата, односно дали тие се управувани исклучиво од лица кои имаат законско право на тоа.
Царинската управа продолжува со спроведување редовни контролни активности со цел обезбедување доследна примена на прописите за привремен престој и користење на странски пловни средства. Ги повикуваме граѓаните и странските државјани да постапуваат согласно важечките царински регулативи и навремено да го усогласат статусот на своите пловни објекти.