Во контекст на последните медиумски информации за осигурувањето за моторна одговорност кон трети лица (MTPL) и зелената карта, Секретаријатот на ЦЕФТА сака да обезбеди јасни и точни информации за јавноста.
На 9 октомври 2024 година, Заедничкиот комитет на ЦЕФТА ја усвои Препораката 1/2024, која на страните на ЦЕФТА им предлага мерки за олеснување на процесите за осигурување (MTPL) низ пазарите на ЦЕФТА.
Клучните мерки вклучуваат:
Конечна цел (до октомври 2026 година): Овозможување на возачите од една ЦЕФТА страна да патуваат во друга ЦЕФТА страна без да имаат потреба од зелена карта или еквивалентна документација за осигурување MTPL.
Преодна цел (до октомври 2025 година): Намалување на административните такси за добивање на зелена карта и овозможување признавање на осигурувањето MTPL врз основа на регистрационите таблици на возилата издадени од страните кои се членки на Мултилатералниот Договор.
Дополнително, Заедничкиот комитет на ЦЕФТА ги повикува страните целосно да ги дигитализираат осигурителните документи и да овозможат електронска размена на истите. Оваа дигитална транзиција има за цел да ја елиминира потребата од физички осигурителни документи при патување во рамките на ЦЕФТА.
Овие активности се засноваат на Акцискиот план за воспоставување на Заедничкиот Регионален Пазар (приоритет 3.3) и приоритетите на претседателството на ЦЕФТА за 2024 година (приоритет 2).