
Цените ќе мора да се објавуваат онлајн – крај на „шетањето“ по маркетите во потрага по најевтината понуда.
Од петок, сите маркети, аптеки, салони за бела техника и мебел ќе имаат нова обврска – дневно да ги објавуваат цените на своите производи на официјална веб-страница. Ова е предвидено со најновите измени на Законот за заштита на потрошувачите, со кои се воведува поголема транспарентност на пазарот.
Важно: Објавите на Facebook, Instagram или други социјални мрежи не се сметаат за исполнување на обврската.
Кој е ослободен?
Од оваа обврска се ослободени микротрговците, односно оние со најмногу 10 вработени и годишен приход под 50.000 евра, согласно дефиницијата во Законот за трговски друштва.
Зошто оваа промена?
Целта на оваа новина е да се зголеми транспарентноста, да им се овозможи на потрошувачите полесно споредување на цените и да се придонесе кон стабилност на пазарот.
„Од петок ќе нема повеќе: Оди провери во друг маркет“. Наместо тоа од дома ќе може да провериме каде е поевтино“, велат надлежните.
Цените ќе се ажурираат секојдневно, а за непочитување на правилата ќе биде надлежен Државниот пазарен инспекторат, кој ќе изрекува санкции.