
Компаниите што не го почитуваат Законот за нефер трговски практики наскоро ќе се соочат со конкретни санкции, најави денеска заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. За време на своето обраќање на отворањето на манифестацијата „Текстилијада 9“ во Штип, Ристески истакна дека Комисијата за заштита од конкуренција постапува по сите пријавени неправилности, особено во делот на трговијата.
„До крајот на годинава очекуваме да бидат изречени и првите казни за компаниите кои го прекршиле законот. Сметаме дека актуелните казнени одредби се недоволни, па за следната година планираме нивно значително зголемување,“ изјави Ристески.
Во контекст на новинарско прашање околу мерките за заштита на животниот стандард, тој посочи дека Владата веќе има преземено сет економски мерки во текот на изминатите две години – меѓу кои и ограничување на цените на прехранбените производи, како и воведување на Законот за нефер трговски практики, со цел да се спречат злоупотребите на пазарот.
Дополнително, заменик-министерот соопшти дека Пазарната инспекција годинава извршила околу 18.000 контроли на трговијата на големо и мало, при што се изречени казни во вредност од приближно два милиони евра.
„Воочени се бројни нерегуларности на терен. Изречените платни налози досега изнесуваат околу 120 милиони денари. Ќе продолжиме со интензивен надзор врз цените во маркетите ширум државата,“ нагласи Ристески.
Како нова алатка за зголемена транспарентност,се подготвува дигитално решение – единствен софтвер кој бесплатно ќе биде достапен за трговците. Преку него, цените на производите ќе бидат достапни за потрошувачите, а ќе се овозможи и користење на мобилна апликација со поддршка од вештачка интелигенција.
„Граѓаните ќе можат да креираат сопствена потрошувачка кошничка – дури и преку гласовни команди, што ќе биде особено корисно за постарите лица и пензионерите,“ додаде тој.












