Цените на нафтата пораснаа денеска, додека трговците го чекаат исходот од состанокот на ОПЕК+, кој треба да се одржи на крајот на неделата.
Фјучерсите на суровата нафта брент поскапеа за 31 цент на 72,14 американски долари за барел. Американската сурова нафта WTI поскапе за 26 центи на 68,36 долари. Извори од групата производители наведуваат дека на состанокот на 5 декември ќе биде одлучено да се продолжи последниот круг на намалувања на производството до крајот на првиот квартал, наведува Ројтерс.
„Поради зголемената усогласеност со намалувањата на производството во Русија, Казахстан и Ирак, пониските нивоа на цените на Брент и индикациите од медиумските извештаи, претпоставуваме дека ОПЕК + ќе го продолжи намалувањето на производството до април“, велат аналитичарите на Goldman Sachs во белешката.
ОПЕК +, која ја вклучува Организацијата на земјите извознички на нафта и сојузниците како Русија, планира да стави крај на намалувањата на производството до првиот квартал на 2025 година. Сепак, притисокот од вишокот на понуда влијае на цените. Групацијата учествува во производството на приближно половина од светската нафта.
„Мислам дека нема друга опција освен одложување“, рече Пријанка Сачдева, виш пазарен аналитичар во Филип Нова, додавајќи дека одложувањето може да трае само еден месец поради притисокот од членките да го зголемат производството. Поради недостигот на позитивни катализатори и послабата побарувачка, Сачдева очекува цените на нафтата да останат во ограничен опсег со акцент на потенцијалниот минус.
Прогнозата за потрошувачката останува слаба, при што се очекува увозот на сурова нафта во Кина, најголемиот светски увозник, да достигне врв веќе следната година, бидејќи побарувачката за транспортни горива почнува да се намалува, велат истражувачите и аналитичарите. Ова дополнително ја влошува нерамнотежата помеѓу понудата и побарувачката.
Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта, се очекува да ги намали цените на нафтата за азиските купувачи на најниско ниво за најмалку четири години, велат трговците.
Загриженоста дека Федералните резерви на САД нема да ги намали каматните стапки на состанокот во декември, исто така, ги ограничи цените на нафтата, намалувајќи ги позитивните сигнали од Кина, каде што индексот на менаџерите за набавки се искачи на седуммесечен максимум во ноември.