
На светските пазари, цените на нафтата и минатата недела паднаа, вторa недела по ред, а трговците беа фокусирани на преговорите меѓу САД и нивните најголеми трговски партнери за царините и другите трговски услови.
Цената на барел на лондонскиот пазар минатата недела падна за 1,2 проценти, на 68,44 долари, додека на американскиот пазар, барелот падна за 3,2 проценти, на 65,16 долари.
Минатата недела трговците најмногу ги следеа преговорите меѓу САД и нивните трговски партнери.
Во вторник, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор со Јапонија, според кој, меѓу другото, ќе се наплаќаат царини од 15 проценти за увоз на речиси сите јапонски производи.
Главното прашање на пазарите беше дали САД ќе постигнат сличен договор со Европската Унија пред зголемените тарифи што ги објави Вашингтон за оние земји со кои не постигне договор дотогаш да стапат во сила на 1 август.
Сепак, кинеските и американските претставници се согласија дека ќе се сретнат во Стокхолм оваа недела за да разговараат за продолжување на трговските преговори до 12 август.
Нешто поголем пад на цените на нафтата на американскиот пазар отколку на лондонскиот пазар е, пак, последица на веста дека Вашингтон би можел да издаде дозволи на група американски компании за ограничени операции во Венецуела.











