Цените на нафтата паднаа за повеќе од четири проценти минатата недела

На светските пазари, цените на нафтата паднаа за повеќе од 4 проценти минатата недела, губејќи ги сите добивки од претходните две недели, бидејќи се проценува дека понудата ќе ја надмине побарувачката и следната година.

Цената на барел на лондонскиот пазар минатата недела падна за 4,1 проценти, на 61,12 долари, додека на американскиот пазар, барелот падна за 4,4 проценти, на 57,44 долари. По две недели благ раст, цените нагло паднаа минатата недела бидејќи трговците беа загрижени од прогнозите за прекумерна понуда и во следната година.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) малку ја зголеми проценката за раст на побарувачката во следната година, на 860 илјади барели дневно, додека понудата следната година треба да се зголеми за 2,4 милиони барели дневно. Под такви услови, глобалната понуда треба да ја надмине побарувачката за 3,84 милиони барели дневно следната година, според новите пресметки на ИЕА.

Во својот последен месечен извештај, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ја потврди проценката дека побарувачката треба да се зголеми за 1,4 милиони барели дневно следната година. Така, проценките на ОПЕК покажуваат дека понудата следната година треба малку да ја надмине побарувачката.