
Hа валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна на најниско ниво во последните шест месеци.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 101,70 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 103,13 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута потона од вчерашните 147,25 на 145,90 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1060 долари, додека вчера во ова време беше 1,0915 долари.
Цените на нафтата дополнително паднаа
Цените на нафтата, пак, паднаа втор ден по ред бидејќи трговците стравуваат од забавување на економскиот раст, а со тоа и на побарувачката на „црното злато“. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово падна за 0,84 отсто, на 69,55 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,91 отсто, на 66,35 долари.
Фото: Pixabay











