Цените на нафтата пораснаа

Цените на нафтата се зголемија на меѓународните пазари кон 68 долари, а инвеститорите се оптимисти дека трговските разговори меѓу САД и Кина би можеле да ја отстранат заканата за економскиот раст и побарувачката на нафта.

На лондонскиот пазар, цената на барелот беше повисока за 55 центи и изнесуваше 67,59 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше за 63 центи повисоко од 65,92 долари, објави Мина.

Трговците оваа недела се фокусираа на трговските разговори меѓу САД и Кина.

Разговорите започнаа во Лондон во понеделник и продолжија во вторник, поттикнувајќи надежи дека Вашингтон и Пекинг би можеле да најдат решение за трговските спорови и да ги отстранат заканите за економскиот раст и побарувачката на енергија.

„Преговорите одат добро“, рече американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека добива „само добри извештаи“ од лондонскиот тим.

Според економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хасет, САД би можеле да ги укинат контролите за извоз на производи како што се полупроводници ако Кина ги забрза испораките на технолошки минерали и магнети.

„Трговските разговори донесоа доза на оптимизам. Пазарот чека да види што ќе произлезе од сето ова и тоа влијае на цените“, вели Хари Чилингиријан од „Оникс Капитал Груп“.

Разговорите меѓу САД и Кина ги ублажија загриженостите за побарувачката, а цените беа поддржани и од извештајот за работни места во САД во мај, забележаа аналитичарите на „Голдман Сакс“, кој покажа само малку помалку нови работни места отколку во претходниот месец.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека барел нафта од нејзините членки порасна за 1,16 долари на 66,48 долари.

Фото: Pixabay