Цените на нафтата пораснаа

Цените на нафтата се зголемија во вторникот, поттикнати од нестабилноста на Блискиот Исток и плановите на Кина за дополнителен економски стимул, иако загриженоста за глобалниот раст, американските царини и неизвесноста околу преговорите за прекин на огнот во Украина ги ограничуваа придобивките.

Фјучерсите на суровата нафта „брент“ поскапеа за 36 центи, или 0,5 отсто, на 71,43 долари за барел, додека фјучерсите на американскиот „Вест Тексас интермедијт“ (WTI) пораснаа за 32 центи, или 0,5 отсто, на 67,90 долари.

„Заедно со американските напади врз Хутите во Јемен, неколку фактори го поддржаа пазарот“, велат аналитичарите.

Кина, пренесува Ројтерс, ги претстави плановите за заживување на потрошувачката, додека продажбата на мало и растот на инвестициите во основни средства ги надминаа очекувањата.

Државниот совет или владата во неделата објави специјален акционен план за зајакнување на домашната потрошувачка, вклучувајќи мерки како што се зголемување на приходите и субвенции за детска грижа.

Преработката на сурова нафта во Кина, најголемиот увозник на сурова нафта во светот, порасна за 2,1 отсто во јануари и февруари во однос на претходната година, поттикната од отворањето на нова рафинерија и патувањето за време на Лунарната Нова Година.

Цените на нафтата добија поддршка и од изјавата на претседателот Доналд Трамп дека американските напади врз Хутите во Јемен ќе продолжат доколку не престанат да ги напаѓаат бродовите во Црвеното Море.