
Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 1 процент денеска благодарение на техничкото закрепнување и купувањето по падот што следеше по одлуката на ОПЕК+ да го забрза зголемувањето на производството, иако загриженоста за прекумерно снабдување на пазарот остана.
Фјучерсите за суровата нафта „Брент“ се зголемија за 92 центи на 61,15 долари за барел, додека суровата нафта „Вест Тексас интермедијар“ се зголеми за 89 центи и се сведе на 58,02 долари за барел.
И двата референтни индекси, пишува Ројтерс, го затворија тргувањето во понеделник на најниски нивоа од февруари 2021 година, поттикнати од одлуката на ОПЕК+ за време на викендот дополнително да го забрза зголемувањето на производството на нафта втор месец по ред.
„Тековните негативни фактори, вклучувајќи ја клучната промена во стратегијата за производство на ОПЕК+, неизвесната побарувачка поради ризикот од американски царини, продолжуваат да вршат притисок врз поширокото движење на цените“, објасни Јеп Џун Ронг, пазарен стратег во IG.
Охрабрени од очекувањата дека производството ќе ја надмине потрошувачката, цените на нафтата паднаа за повеќе од 10 проценти во шест последователни сесии и паднаа за повеќе од 20 проценти од април, кога царинските шокови на американскиот претседател Доналд Трамп го зголемија очекуваното забавување на глобалната економија.
Дополнителна поддршка за цените обезбедија податоците што покажуваат раст во услужниот сектор во САД, најголемиот потрошувач на нафта во светот, благодарение на зголемувањето на нарачките.
Институтот за управување со снабдувањето (ISM) во понеделник соопшти дека неговиот индекс на набавна активност во секторот на услуги (PMI) се искачил на 51,6 минатиот месец, од 50,8 во март. Економистите анкетирани од Ројтерс очекуваа пад на 50,2.











