Цените на нафтата растат

Цените на нафтата се зголемија во вторникот, бидејќи загриженоста за економските предизвици поврзани со царините и американската монетарна политика остана, што може да ја намали побарувачката за гориво.

Фјучерсите на суровата нафта брент поскапеа за 42 центи на 66,68 американски долари (62,61 евро) за барел. Фјучерсите на американската сирова нафта West Texas Intermediate (WTI) за мај, кои истекуваат во вторник, беа на 63,53 долари (59,64 евра) за барел, што е раст од 45 центи. Поактивно тргуваниот договор со WTI за јуни е поскап за 45 центи и чини 62,86 долари (58,99 евра) за барел.

Двата репер договори паднаа за повеќе од два отсто во понеделникот, откако знаците за напредок во разговорите за американско-иранскиот нуклеарен договор ја намалија загриженоста за снабдување.

„Имаше кратко покривање по остриот пад во понеделникот. Сепак, останува загриженоста за можна рецесија предизвикана од трговска војна“, изјави за Ројтерс Хиројуки Кикукава, главен стратег во Nissan Securities Investment, подружница на Nissan Securities.

Тој, исто така, предвиде дека WTI најверојатно ќе се движи во опсег од 55 до 65 долари (51,67 евра до 61,06 евра) за барел поради континуираната неизвесност поврзана со тарифите.

Во понеделникот, американскиот претседател Доналд Трамп ги повтори критиките кон претседателот на Федералните резерви Џером Пауел и рече дека американската економија може да забави доколку каматните стапки не се намалат веднаш.

Неговите коментари за Пауел покренаа загриженост за независноста на Федералните резерви во водењето на монетарната политика и за иднината на американските финансиски инструменти. Главните американски берзански индекси паднаа, а индексот на доларот во понеделникот се лизна на најниското ниво во последните три години.